Вкусно Турско Пита Лепче (Tirnak Pide)

Вкусно Турско Пита Лепче (Tirnak Pide)

Оваа вкусно Турско пита лепче (Tirnak Pide) ќе го препознаете по уникатните вдлабнатини кои се прават со прстите.

Во Турската кујна, ова лепче има и духовна вредност, не само кулинарна. Всушност, прочитав дека ваквите лепчиња се неизоставен дел од Ифтар вечерите на оние кои постат за време на Рамазан.

Без разлика кога и како ќе одлучите да го подготвите, нема да можете да му одолеете на вкусот и ќе се прашувате зошто не сте го знаеле рецептот порано.

Може да се јаде самостојно или во комбинација со месо и зеленчук. Толку е меко и миризливо самото тесто и сум сигурна дека ќе стане редовен дел од вашата трпеза. Одлично е во комбинација со јогурт или ајран.

Ќе уживате и во подготовката и во вкусот! Вкусен појадок или неодолив ручек-вие бирате!

Турско Пита Лепче Рецепт

За тестото:

300 мл млако млеко

100 мл млака вода

25 гр свеж квасец

50 мл масло

Лажичка шеќер

Лажичка сол

Брашно, околу 650 гр

Останати состојки:

Едно јајце

3 лажици млеко

3 лажици масло

Сусам и други семки по желба

Подготовкa:

Во млекото и водата, додајте ги шеќерот, квасецот, солта, и маслото. Измешајте и потоа постепено додавајте го брашното и замесете тесто кое не е лепливо. Поделете го на четири или осум делови, зависно од која големина сакате да бидат лепчињата.

Обликувајте ги круговите па потоа покријте ги со крпа и нека отстојат да нараснат. Потоа, секое од корите ја израмнувате малку, а потоа ги префрлате во тавче за печење.

Оставете ги уште 15 минути да нараснат.

Во меѓувреме, изматете го јајцето и измешајте го со млекото и маслото. Премачкајте го секое парче со оваа смеса. Со прстите, направете вдлабнатина од страните, а потоа хоризонтални и вертикални линии во средината.

Ставете од вашите омилени семки и печете на 220 степени Ц, околу 20 минути или додека не поруменат.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 10,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *