Ова полнето тесто во облик на морковчиња е совршената Велигденска закуска и ќе донесе насмевки и задоволство на лицата на вашите најмили!
Ќе ја разубават вашата трпеза заедно со некои од моите други предлози како на пример ролованата погача и Швалерка, најкремастата торта!
За да ги направите овие морковчиња, потребни ви се соодветни конусни калапи кои можете да ги најдете онлајн или во некои продавници. Но, исто така има и видео од емисијата Практична Жена каде што може да видите како да си ги направите сами.
Тестото е лиснато па затоа закуската е превкусна и премека. Ги наполнив со Урнебес салата и морам да ви кажам дека комбинацијата е извонредна!
Истото тесто може да се наполни и со благ фил и ќе добиете превкусни Шам ролни. Ги подготвив и нив исто и за некој ден ќе го споделам рецептот со вас!
Јас самата си го подготвив лиснатото, вие можете и со куповно доколку сакате.
Полнето Тесто во Облик на Морковчиња Рецепт
Потребно ви е:
500 гр брашно
250 мл кисела вода, млака
100 мл масло
1 рамна лажица сол
прстофат шеќер
Подготовка:
Замесете тесто од состојките. Месете негде 5 до 10 минути. Нека отстои 15 минути, па расукајте правоаголна кора.
Нарендајте 1/4 од коцка маргарин и преклопете како лиснато тесто.
Ставете во замрзнувач 20 минути па ги вадите. Повторете уште 3 пати да го потрошите целиот маргарин (250 гр).
Кога ќе го извадите, поделете го тестото на два делови. Од секој дел, исукајте правоаголна кора и исечете ленти, околу 1 цм широки. Од секој дел треба да ви излезат 12 ленти.
Потоа секое го мотате на калапот, преклопувајќи го секое наредно делче на претходното за да не се оделуваат во печењето. Премачкајте со мешавина од 1 жолтка од јајце, куркума и малку масло.
Печете 15 до 20 минути.
Се полнат по желба. Можете мајонез салата, Француска или некоја друга!
За урнебес салатата:
300 гр урда
100 гр сецкани ореви
100 гр павлака
Лут буковец сол
Малку магданос
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 7700+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!