Со Велигден пред нас, одлучив во наредниот период да објавам некои од моите омилени рецепти за прекрасна Велигденска трпеза . Се надевам дека ви се допаѓа идејата и дека ќе ви се допаднат и рецептите и дека ќе ме поддржувате со споделување на моите рецепти!
Како за прв од оваа серија на рецепти, решив да биде мојата омилена ролована полнета погача. Таа е неизоставен дел од мојата Велигденска трпеза и секогаш брзо ја снемува. Мека и миризлива, вреди да се проба!
Се прави лесно и изгледа навистина убаво и привлечно и ќе ја направи секоја трпеза уште поубава. Иако јас ја наполнив со сирење и крем сирење, вие можете да си одберете состојки што вам ви се омилени. Навистина е разнолика и сите ќе ја обожаваат.
Супер комбинација е со печено свинско или јагнешко и секако, со варените јајца и разните салати.
Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно!
Ролована Полнета Погача Рецепт
За тестото:
500 гр брашно
100 мл млеко, топло
100 мл вода, топла
100 мл масло
1 јајце
2 лажички шеќер
1 ½ лажичка сол
½ коцка свеж квасец или 1 кесичка сув квасец
Подготовка:
Спојте ги состојките и измесете заедно да добиете убаво меко тесто. Нека отстои 30 минути. Потоа, го делите на 8 делови.
Секое делче го расукувате во големина на чинија.
На седум од парчињата рендате маргарин (вкупно 150 гр за сите). На осмото не се става. Ги редите едно врз друго. Притиснете малку да се спојат.
Нека отстојат 10 минути. Потоа, расукувате една голема правоаголна кора и ја премачкувате со 200 гр рендано сирење или урда измешано со 100 гр крем сирење и 1 јајце изматено.
Се витка како ролат и се сечат парчиња, околу 1 цм дебелина. Ги редите во тавче бр 24 со страничната страна долу, по страните на тавчето. Кога ги редите едно до друго, нека бидат малку споени така што секое наредно парче до половина го преклопувате со претходното.
Во средина, ставате две парчиња на ист начин.
Премачкајте со едно изматено јајце со малку масло.
Наросете сусам и други семки по желба.
Печете околу 30 минути на 200 степени Ц.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 7500+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!