Ако веќе некое време го следите мојот блог, знаете дека обожавам да подготвувам торти и разни пити.
Затоа што споделив неколку супер рецепти за десерти во последниов период, сега одлучив да објавам еден рецепт за печиво што обожавам да го подготвувам.
Вистински пример е за традиционалната кујна на мојот роден град и мислам дека вкусот е незаменлив. Позната е како Кумановска сеченица.
Иако рецептот често го прават со полнење со сирење, морам да ви кажам дека е извонредна комбинација и со кисела зелка.




Па затоа, земајќи предвид дека е сезона на кисела зелка што многумина ја обожаваат, а плус е и здрава, решив да ја направам со овој фил.
Верувајте ми, нема да погрешите доколку и вие сакате кисела зелка-толку ќе излезе сочна и мека и совршен избор за појадок или ручек.
Со чаша јогурт или кисело млеко, ќе ја почуствувате вистинската магија на домашната храна.
Исто така, морам да спомнам дека не е премногу комплицирана, па и оние помалку искусните во правењето пити ќе си направат вкусно јадење.
Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно!
Кумановска Сеченица со Кисела Зелка
За тестотo:
500 гр брашно
150 мл топло млеко
150 мл топла вода
3 лажици масло
1 лажичка сол
1 лажичка шеќер
1/2 лажичка сув квасец
За да го направите филот:
600 гр кисела зелка, ситно сецкана и испржена на масло
Кога ќе се олади, измешајте ја со 200 гр дробено сирење и 1 белка.
Подготовка:
Замесете меко тесто од состојките. Оставете го 15 минути. Потоа, поделете го на 15 топчиња.
Секое, расукајте го во големина на тацна за кафе.
Спојте ги по 3-редејќи ги едно врз друго. Вкупно 5 вакви.
Секое, премачкајте го секое со мешавина од маргарин претходно отстоен на собна температура (вкупно 150 гр) и 1 жолтка.
Од секое топче, развлечете кора во големина на тавче бр 28.
Попрскајте ги со малку масло. Сега, ставете и од филот.
Потоа, ставете ја првата кора во тавче бр 28 и наредете од филот. Повторувајте до крај кога ќе покриете со петтата кора.
Попрскајте со масло и сечете по желба. Можете да си ставите и сусам доколку сакате.
Нека отстои половина час пред печење. Загрејте ја рерната на 220 степени Ц а потоа печете на 200 степени Ц.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 6000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти