Пролетно Уживање: Мини Павлови Тортички

Пролетно Уживање: Мини Павлови Тортички

Мини Павлови тортички?-Звучи совршено.

Ретко кој од нас не слушнал за Павлова торта, нели? Елегантен и преубав десерт кој можеби изгледа ,,застрашувачки” на прв поглед за подготовка, но е всушност многу лесен ако внимателно ги следите инструкциите-крајниот резултат навистина вреди.

Таа го добила името според Руската балерина Ана Павлова, иако не е со потекло од Русија.

Легендата вели дека овој десерт се појавил во 20тите, после периодот кога оваа балерина настапувала во Австралија и Нов Зеланд. Овој десерт бил создаден од една од овие две држави (не се знае точно која!) и е наречен по неа во нејзина чест.

Овој десерт е познат по тоа што се прави со безе кори и се додава шлаг и свежо овошје, најчесто шумско (јаготки, малини, итн.).

Верзијата што јас ќе ја споделам со вас ( има голем број на разни рецепти, варијации на оригиналот) има уште еден слој помеѓу безе смесата и шлагот, а тоа е еден крем од ванила.

Зошто да си ги Направам Овие Мини Павлови Тортички?

За мене лично, овие мини Павлови тортички се совршениот пролетен десерт-ве заблажува и освежува во исто време. Крцкав и кремаст десерт кој е неодолив и се јаде во еден здив.

Безе корите се уникатни и во поглед на правењето и во вкусот; секогаш додаваат своја, посебна магија.

Пред да го ѕирнеме рецептот заедно, благодарност до Вукица Мијиќ за нејзиниот преубав рецепт за Мини Павлови тортички. Голема инспирација ми е за рецепти и секогаш има преубави идеји.

А еве ја мојата реконструкција на овој пресладок десерт!

Мини Павлови Тортички Рецепт

За безе корите:

3 белки

180 гр шеќер во прав

1 лажица густин

1 лажица сок од лимон

Малку сол

За кремот:

3 жолтки

3 лажици шеќер

1 пудинг од ванила

300 мл млеко

100 мл слатка павлака

Останати состојки:

Шумско овошје по ваш избор

150 мл слатка павлака или шлаг

Подготовка:

Оставете ги јајцата преку ноќ на собна температура. Одвојте ги жолтките од белките.

Белките изматете ги убаво заедно со сокот од лимон и солта. Кога ќе се измати убаво, додавајте го постепено шеќерот, матејќи постојано. И кога смесата ќе стане густа и сјајна, продолжете да матите до 10 минути.

На крај, додајте го густинот и измешајте.

Претходно загрејте ја рерната на 125 степени Ц.

Изматената смеса префрлете ја во пекарска вреќичка или шприц и направете полжавчиња во посакуваната големина. Наредете ги во тавче и префрлете во рерна, најмалку 1,5 час да се сушат.

За кремот:

Во малку ладно млеко, разматете го пудингот со жолтките.

Остатокот од млекото и шеќерот ставете ги да провријат па додајте го пудингот. Гответе и постојано мешајте додека не добиете густ крем. Оставете да се олади, поврeмено промешувајќи.

Кога ќе се олади, додајте ја изматената 100 мл слатка павлака. Потоа, и со овој крем, правите полжавчиња со шприц или вреќичка врз безе основата.

Посебно изматете ги 150 мл слатка павлака или шлаг и ова е третиот слој кој го нанесувате одозгора на ист начин. Врз секое тортиче, декорирате со неколку парченца овошје.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 7500+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *