Од вкусна бајадера, никогаш доста!
Барем така јас се чуствувам. Бајадерата е еден од десертите со кои најмногу можам да експериментирам, испробувајќи разни комбинации и вметнувајќи ги моите омилени состојки. На мојот блог можете да најдете рецепт за црно-бела бајадера со бисквити и лешници, шарена бајадера со лешник и кафе, бајадера со смокви и кремаста бајадера.
Со оглед на тоа дека празниците ни се тука, мислам дека најновиот рецепт за чоколадна бајадера со бадеми и лешници е вкусна и брза опција да си ја збогатите празничната трпеза со неодолива комбинација од вкусови.
Одлична е за оние кои немаат многу слободно време, а сепак сакаат да си направат вкусна домашна храна во која сите најмили ќе уживаат-подготовката е брза и едноставна.
Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно! И да не заборавам, среќни празници на сите!! Ви благодарам што сте тука.



Потребно ви е:
150 мл. вода
150 гр. шеќер
100 гр. путер или маргарин
100 гр. чоколадо за готвење
3 лажички инстант кафе
100 гр. мелени и печени лешници
100 гр. мелени и печени бадеми
200 гр. мелени бисквити
За глазурата:
100 гр. чоколадо за готвење
2 лажици масло за готвење
Подготовка:
Шеќерот, водата и маргаринот се ставаат во тенџере да зовријат. Се додава чоколадото и се меша убаво за да се растопи чоколадото и да се соединат сите состојки. Гответе околу 2 до 3 минути, мешајќи постојано.
Додајте го инстант кафето, бадемите, лешниците и бисквитите. Убаво промешајте да се соедини смесата.
Префрлете ја смесата во правоаголен калап и израмнете ја убаво да биде еднаква на сите страни.
За да ја подготвите глазурата (на пареа или во микро) стопете го чоколадото со маслото. Оставете ја глазурата да се олади малку и потоа прелијте ја врз бајадерата.
Нека се лади на собна температура, а потоа сечете по желба.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 12,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!