Штом се спомнат Принцес крофните, сите си помислуваме на овие кремасти и меки десертчиња што ни ја исполнуваат душата, нели?
Покрај еклерите, тие ни се еден од десертите што обожаваме да ги подготвуваме затоа што имаат извонреден вкус. Зарем има некој што може да одолее на кремастиот фил, крцкавите корички и шеќерот во прав одозгора?
Рецептот е ист како за еклери, само разликата е во тоа што се прават кружни форми за тестото, наместо подолгите како за еклери. И најчесто, овој десерт се декорира со шеќер во прав, наместо течно чоколадо како што е случај со еклерите.
Иако има интересно име поврзано со друг десерт, тие не се воопшто исти, освен можеби што се слични во кружната форма. Дали можеби вие знаете од каде потекнува името за овој десерт кај нас? Ако знаете, споделете во коментар!
Како и е да, едно е сигурно, било што и да изберете е превкусен десерт! А јас, топло ви го препорачувам овој рецепт за секогаш совршени Принцес крофни во кои целото семејство ќе ужива.
Пазете, можеби некој ќе бара и репете!
Домашни Принцес Крофни како Директно од Француска Пекара
Потребно ви е:
300 мл вода
150 мл масло
Ставете ја смесата да зоврие.
Кога ќе почне да врие, додавате:
200 гр брашно и мешате постојано и убаво. Тргнете на страна и чекајте да се олади.
Кога ќе се олади, додавате 4 јајца, едно по едно. Се меси убаво тестото, да биде лепливо но убаво соединето. Ќе знаете дека е убаво измесено кога ќе почнете да го слушате тестото како ,,пуцка”.
Потоа, се префрла смесата во пекарски шприц. На тавче обложено со хартија, ги формирате посакуваните форми-во овој случај, малку поголеми кругови од за профитероли.
Ги печете на 220 степени, 30 минути. Рерната не треба да се отвара се додека не е време за вадење.
За филот:
1 литар млеко
2 жолтки
8 лажици брашно
10 лажици шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
100 гр маргарин/ путер
Подготовка:
800 мл млеко и 10 лажици шеќер ставете ги да зовријат.
Посебно, изматете го 200 мл млекото и брашното и жолтките. Се додава во смесата што врие и гответе додека не добиете густ крем, околу 5,6 минути, мешајте постојано.
Пред да го тргнете од рингла, додајте ги ванилиниот шеќер и маргаринот или путерот. Изматете убаво со миксер. Покријте со стреч фолија и нека се олади.
Кога ќе се олади, ги составувате Принцес крофните. Секоја од крофните ги сечете на средина и ставате фил измеѓу.
Посипете со шеќер во прав.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 7000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!