Вчера беше Св. Трифун и Св. Валентин, еден убав ден кога се е во знакот на љубовта и виното. За мене ова е ден кога се посветувам на едно од моите омилени работи, а тоа е готвењето.
Сакав овојпат тоа да биде нешто што ќе ја симболизира љубовта, која иако посебно се слави на овој ден, е нешто секојдневно.
Љубовта преку вниманието и љубезноста ја покажуваме на нашите блиски од ден во ден. Тоа не мора да биде нешто посебно-еден убав збор и убаво-зготвена домашна храна е секогаш добра идеја.
За овој празничен викенд, решив да направам едни мали печива со тесто за пастрмајлии за моите најблиски. Симболично, ги направив да бидат во форма на срце.




Одозгора ги наполнив со неколку филови, а супер е што вие можете исто така да си бирате што на вас најмногу ви се јаде и што вашите сакани обожаваат.
Иако ги направив за овој празник, мислам дека можат да се прават кога ќе посакате и се супер изненадување. Особено најмалите ќе им се радуваат!
Смесата си ја делите на колку парчиња сакате и си бирате филови по ваша желба, иако јас ќе ви пишав што ставив на овие па ако ви се допаѓа, можете и вие истото.
Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно.
Мини Печива во Форма на Срце од Тесто за Пастрмајлии
За тестото, потребно ви е:
1 кг. брашно
650 мл.млака вода
100 мл.масло за готвење
1 коцка квасец
3 лажички шеќер
3 лажички сол
Подготовка: Замесете од состојките доста меко тесто и оставете го да одмара 60 минути.
Потоа премесете го и формирајте топчиња кои подоцна ги оформувате како срце. Можете со калап или од око. Зависно како ви е полесно.
Покријте ги и оставете ги да одмараат 60 минути.
Краевите на тестото подигнете ги и навиткајте- треба да го допираат филот, но не да се врз него.
Наредете го филот што го избравте на секое парче.
Како да го подготвите месото?
Потребно ви е:
300 гр. пилешко или свинско
Сол
Црвен пипер
Масло за готвење
Од навечер измешајте ги сите состојки и покријте ги и оставете ги преку ноќ во фрижидер.
Кога ќе го распоредите месото на пастрмајлиите, оставете ги 20 минути па потоа во рерна.
Печете на 200-250 степени Ц. 20-25 минути.
Вториот фил е свинско суво месо, а третиот е вегетаријански. Ставив мешавина од свеж спанаќ, кашкавал и павлака.
Можете и да си додавате зачини по вкус.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 6000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!