Меки Путер Кифли со Домашен Џем од Кајсии

Меки Путер Кифли со Домашен Џем од Кајсии

Ако има рецепт што може да ве врати во детството, тоа се сигурно најмеките и најмиризливите путер кифли! Кај нас ги викавме путерки и беа главниот појадок за време на одморот во училиште.

Неодамна кога подготвив домашен џем од кајсии, кога го пробав си помислив дека е совршениот фил за овие меки и сочни кифли. Големината си ја одредувате вие па така да можете да ги направите и како кроасани.

На сите ќе им се допаднат и ќе бараат уште по една-совршени се со чаша млеко или чај! Инаку, подготовката е брза и едноставна, па така да за кратко ќе бидат на трпезата! Можат да бидат совршениот појадок за утрешниот ден…

Иако јас ги полнев со џем од кајсии, опциите ви се многубројни и можете да си го ставите вашиот омилен џем, мармалад, крем или некое друго полнење. Како и да е, ќе ги освојат сите!

Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно…

Меки Путер Кифли со Домашен Џем од Кајсии

За тестото:

500 гр брашно

1 квасец

1 лажица шеќер

150 мл топло млеко

100 мл јогурт

100 мл масло

1 јајце

прстофат сол

За филот:

Џем од кајсии

Подготовка:

Замесете меко тесто од состојките. Нека отстои 30 минути. Поделете го на три делови. Секој дел го делите на три топчиња.

Секоe топче од секој дел го расукувате во големина на десертна чинија и ги редите едно врз друго, три по три. Премачкувајте го секое парче со растопен путер (вкупно 50 гр). Последното од секој дел не го премачкувате.

Сега, од секој дел, расукајте поголема кора. Исечете ја секоја кора на шест триаголници и премачкајте го секој со џемот од кајсии. Виткате да направите кифлички и ги редите во тавче.

Нека отстојат 20 минути па печете на 200 степени, 20 до 25 минути. Овие кифли не се премачкуваат со ништо пред печење. Сервирајте со шеќер во прав.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 8000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *