Медена Торта Медовик со Интересен Кремаст Фил

Медена Торта Медовик со Интересен Кремаст Фил

Медена торта, или Руски медовик, е извонредна торта кој е позната по тоа што корите се прават со мед. Тоа ги прави неодоливо миризливи и вкусни.

Стандардниот фил е со млеко, шеќер и путер и оваа верзија веќе ја имам подготвувано и рецептот можете да го најдете тука. Вкусот е преубав и топло ви ја препорачувам.

Во овој рецепт денес, филот е без путер, а има други состојки што го прават многу побогат и покремаст.

Вкусна и фотогенична, оваа торта може да биде одличен избор за десерт за вашиот роденден, слава, или за претстојните празници.

Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно, а секако и да уживаме во преубавите слики (навистина фотогенична торта!)!

Медена Торта со Интересен Кремаст Фил Рецепт

За корите:

3 јајца, средна големина

200 гр шеќер

3 лажици мед

3 лажици млеко

100 гр путер

1 лажичка сода бикарбона

600 до 650 гр брашно

Подготовка:

Путерот, млекото, медот и содата бикарбона се ставаат да провријат на тивок оган. Тргнете на страна и додајте ги претходно изматените јајца со шеќерот, постојано мешајќи да не се направат грутки.

Убаво измешајте и почнете да го додавате брашното постепено, отприлика 600 гр би требало да биде доволно. Ако е лепливо тестото, додајте уште брашно. Замесете меко тесто и поделете го на 10 еднакви делови.

Од секој дел, исукајте тенка кора според димензијата на тавчето, отприлика 20 до 22 цм. Секоја кора се пече 5 до 6 минути на 180 Ц на надворешниот дел на тавчето со хартија за печење. Гледајте да не ги препечете корите, нека останат побели.

Нека се оладат целосно.

За филот:

900 гр кисела павлака, масленост 20%

200 гр хопла или течен шлаг

80 гр шеќер во прав

Неколку капки екстракт од ванила

Подготовка:

Се матат хоплата и шеќерот во прав, 2 до 3 минути. Додајте ја киселата павлака и екстрактот од ванила и матете уште 2, 3 минути.

Филот поделете го на 9 делови.

За составувањето:

Редете кора, па намачкајте фил се до 9-тата кора и последниот дел од филот. 10тата кора е за покривањето на тортата.

Треба да ја скршите на помали парченца и да ја изблендирате.

Нанесете ја изблендираната кора низ целата торта.

На здравје.

СОВЕТ:

Најубаво е кога оваа торта ќе отстои барем преку цела ноќ во фрижидер, затоа што ќе се сече уште поубаво!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои повеќе од 11,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *