Време е за вкусно уживање со домашна торта!
Мојот избор неодамна беше преубавата Киндер торта. Доколку го читате мојот блог и доколку ме следите на социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм, веќе знаете колку уживам во подготовката на домашни торти! Сакам да експериментирам со нови рецепти, но и да се навраќам на оние кои ми се омилени.
Киндер тортата ја имам подготвувано неколку пати во изминативе години и секогаш и се радувам како да ја пробувам прв пат! Ако ја немате пробано досега, ќе уживате во два чоколадни и кремасти филови и прекрасна мека кора.


Кората и филовите се надополнуваат совршено. Корите се ароматични и вкусни благодарение на лешниците, а црниот и жолтиот фил ветуваат незаборавен вкус за целото семејство.
Пробајте си ја уште денес, многу од состојките веројатно веќе ги имате во кујна! Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно.
Киндер Торта Рецепт
За кората (1 ваква):
10 белки
10 лажици шеќер
8 лажици брашно
8 лажици масло за јадење
8 лажици млеко
1/2 кесичка прашок за печиво
100 гр мелени и запечени лешници
+малку млеко и малку чоколаден крем
Подготовка:
Изматете ги белките и шеќерот пенасто со миксер. Додајте го маслото, млекото, и брашното измешано со печивото. Изматете убаво со лажица. Префрлете ја смесата во тава бр.26 во која претходно на хартија за печење ќе ги распоредите лешниците.
Печете ја кората 10 до 15 минути на 170 степени Ц. Кога ќе ја извадите, завртете ја кората од другата страна за да дојдат лешниците одозгора. Додека е уште топлата кората, посипете ја одозгора со пет шест лажици млеко и премачкајте ја со пет шест лажици чоколаден крем по ваш избор.
За филовите:
1 литар млеко
10 лажици шеќер
10 лажици брашно
10 жолтки
3 кесички ванилин шеќер
1 коцка маргарин/путер
100 гр чоколадо за готвење
Подготовка:
Млекото, шеќерот, брашното и жолтките ќе ги готвите на тивок оган. Мешајте постојано додека не добиете густ крем, за овој дел отприлика 15 до 20 минути се потребни.
Додека е топол филот, додајте го путерот или маргаринот и измешајте убаво за да се растопи и соедини. Додајте го и ванилиниот шеќер.
Поделете го филот на два дела. Во едниот додајте го чоколадото за готвење. Ова е црниот фил. Другиот е жолтиот фил. Измешајте убаво додека не се стопи чоколадото и не добиете хомогена смеса.
Покријте ги филовите со стреч фолија и нека се оладат на собна температура пред да ги префрлите во фрижидер каде ќе се ладат два часа.
Кога ќе ги извадите филовите, изматете ги убаво со миксер.
За филувањето:
Кора
Жолт фил
Чоколаден фил
2 шлаг пени, изматени по упатство или изматена хопла
Декорација по желба!
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои повеќе од 11,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!