Ѓувеч во Рерна со Свинско Месо и Домашно Пченкарно Лепче

Ѓувеч во Рерна со Свинско Месо и Домашно Пченкарно Лепче

Обожавам вакви убави опции за ручек како овој сочен ѓувеч во рерна со свинско месо искомбиниран со најубавото и најмиризливото домашно лепче од пченкарно брашно.

Овој ручек ќе ги привлече сите на трпезата и може да биде совршеното празнично јадење. Свинското месо ми е супер опција за зимскиот период, а оди одлично искомбиниран со зеленчуци како компирот, морковите и кромидот.

Додавањето на бело вино создава неодолива арома и вкус и ги зајакнува вкусовите на сите состојки и го прави месото меко и сочно.

Лепчето од пченкарно брашно има посебно месо во моето срце затоа што ме потсетува на моето детство кога мајка ми го подготвуваше секојдневно.

Иако само неколку состојки имавме на трпезата, чувството беше незаменливо, храната превкусна, и во овој леб уживавме сите заедно. Топло ви препорачувам да си ,,мацнете” со лепчето во течноста на ѓувечот за потполно уживање!

Ѓувеч со Свинско Месо Рецепт

Потребни состојки:

500 гр свинско месо од плешка, исечено на коцки

500 гр компири, излупени и исечени на коцки

2 моркова, исечени на крукчиња

1 кромид, исецкан

2 чешниња лук

100 мл доматно пире

200 мл бело вино

200 мл вода

150 мл масло за готвење

Сол

Бибер

Вегета

Црвен пипер

2 ловорови листа

Подготовка:

Зачинете го месото со сите зачини и додајте му го маслото. Нека отстои преку ноќ или 2, 3 часа пред подготовка. Во огноотпорна тава, сипете 50 мл масло и наредете го кромидот.

Потоа, распоредете ја половина од компирите и морковите и половина од маринираното месо. Потоа, наредете ги и останатите компири и моркови и останатото месо. Го додавате и лукчето.

Полијте ги со виното, водата, и доматното пире. Додајте го и ловоровиот лист.

Покријте со фолија и печете на 200 степени Ц, 1 час и 30 минути. По потреба, доколку сакате повеќе течност, можете да додадете уште вода. 10 минути пред крај се вади фолијата и продолжува да се пече така до крајот.

Домашно Пченкарно Лепче

Потребно ви е:

150 гр пченкарно брашно

200 мл врела вода

350 гр пченично брашно

200 мл млака вода или млеко

1 кесичка сув квасец

1 1/2 лажичка сол

1 1/2 шеќер

50 мл масло за готвење

Подготовка:

Пченкарното брашно попарете го со врелата вода. Измешајте убаво и нека се олади да биде млако. Додајте ги и останатите состојки и замесувате меко тесто.

Нека отстои 30 минути. Поделете го на повеќе делови, зависно од колку парчиња сакате. Размесете го секое посебно, наросувајќи од пченкарното брашно. Префрлете во тава и нека отстојат 20 минути.

Печете во претходно загреана рерна на 200 степени околку 30 минути. Пред печење се засекуваат одозгора.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 9000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *