Во потрага сте по рецепт за крофни што навистина успева?-На вистинското место сте!
Имам испробено разни рецепти за крофни се додека не наидов на совршениот, а токму тој рецепт ќе го споделам со вас. Сликите зборуваат сами за себе, а фактот дека секогаш ми излегуваат вака совршено меки и миризливи е знак дека треба да си го сочувате рецептот и да си го испробате во првата слободна прилика.


Не заборавајте и да го споделите со оние во семејството кои ви ,,должат” крофни!
За мене крофни асоцираат на релаксирана домашна атмосфера со најблиските за време на викендот. Меки, полнети со вашиот омилен фил и толку вкусни што ќе ги задоволат и најпребирливите во семејството.
Единственото нешто од кое што треба да се ,,плашите” кога ќе ги подготвувате е тоа што можат вашите најмили да ви побараат репете! 🙂
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: Најмеките и Најкремастите Принцес Крофни
Рецепт: Вкусни Домашни Крофни
Потребно ви е:
800 гр. брашно
3 жолтки
1/2 лажичка сол
400 мл млако млеко
50 мл масло за готвење
2 лажици сув квасец
3 лажици шеќер
1/2 кесичка прашок за печиво
Опционално:
Кора од 1 лимон
1 кесичка ванилин шеќер
2 лажици рум или ракија (многу помага да не се премрсни крофните, навистина корисен трик)
Подготовка:
Во млекото ги додавате шеќерот и квасецот. Нека отстојат 10 минути, додајте ги останатите состојки. Замесете убаво меко тесто, додавајќи го брашното постепено.
Нека отстои на собна температура покриено, 1 час. Потоа, размесете го и нека отстои уште 30 минути.
Од тестото формирајте топчиња (60 или 70гр. по ваша желба). Секое топче ставете го врз коцка хартија за печење и покријте со стреч фолија и нека отстојат уште 30 минути.
Се пржат во убаво загреано масло, средна температура. Ставајте ги крофните со долниот дел (хартијата) да биде одозгора. Поклопете и пржете околу 2 минути, а потоа обрнете на другата страна и пржете околу 2 минути, без капак. Вадете ги на хартија да се впие вишокот масло.
Повторете со сите останати топчиња.
Јас ги полнев со шприц со чоколаден крем и крем од ф’стак.
На здравје!
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА: Бомболини, Италијански Мини Крофни
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 12,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!