Чоко Малина Торта

Чоко Малина Торта

Комбинацијата на чоколадо и малини е засекогаш моја инспирација кога станува збор за торти. Експериментирав со оваа комбинација во извонредната Барон тортата, а овој пат решив да ги спојам овие две прекрасни состојки во друга извонредна торта: чоко малина.

Оваа торта ќе ве освои со својата преубава комбинација од вкусови. Замислете си крцкави и ароматични кори богати со ореви и бисквити, премачкани со кремаста чоколадна глазура и неодоливо богати филови од црно и бело чоколадо, совршено избалансирани со свежината која ја нудат малините.

Секој залак од оваа торта е патување за вашите непца – од крцкавите, меки кори до преубавите филови, ветува потполно уживање. Идеален избор е за да одбележите некој посебен момент во вашиот живот или пак да подарите убаво чоколадно изненадување на драга личност.

Единствено што морате да внимавате е тоа што многу брзо ја снемува!

Чоко Малина Торта Рецепт

Потребно за корите (3 вакви):

5 белки

5 лажици шеќер

5 лажици мелени ореви

2 лажици мелени бисквити или Плазма

1 лажица брашно

1/2 лажичка прашок за печиво

Подготовка:

Се матат белките пенасто. Се додава шеќерот. Продолжете да матите да добиете цврста смеса. Додајте ги останатите состојки и измешајте со лажица.

Префрлете во тавче број 26 ако сакате да биде во форма на круг, а доколку сакате да биде правоаголна, во тавче со димензии 20×30.

Печете околу 15-17 минути на 180 степени Ц.

Фил бр 1 и 2:

15 жолтки

9 лажици шеќер

750 мл млеко

2 пудинга од ванила

3 лажици брашно

200 гр путер или 100 гр. путер и 100 гр. маргарин

4 кесички ванилин шеќер

100 гр. бело чоколадо за готвење

100 гр. црно чоколадо за готвење

Подготовка:

Жолтките, шеќерот, млекото, пудингот и брашното се матат убаво со миксер или рачно да нема грутки. Гответе на тивок оган додека не добиете густ крем, отприлика 15 минути. Додајте го путерот, претходно отстоен на собна температура, и ванилиниот шеќер во топлата смеса.

Мешајте да се растопи целосно. Изматете со миксер и поделете на два еднакви дела.

Во едниот додајте го белото а во другиот црното чоколадо за да ги добиете двата фила, едниот црн, другиот бел. Мешајте да се стопат чоколадите убаво. Покријте со стреч фолија и нека се олади на собна температура целосно, а потоа барем 2 часа да отстои во фрижидер.

Кога ќе ги извадите, изматете ги со миксер пред користење. Ако кремовите се прегусти, додајте малку млеко.

Фил бр 3 со малини

400 гр замрзнати малини

300 мл вода

150 гр. шеќер

1 пудинг од ванила

1 желатин (активиран со ладна вода по упатство)

Подготовка:

Ставете да зовријат 200 мл вода, малините и шеќерот. Кога ќе зоврие, гответе уште 5 минути. Посебно изматете ги останатите 100 мл ладна вода и пудингот од ванила и додајте го во смесата со малини.

Гответе додека не се згусне смесата, околу 2 до 3 минути. Додајте го и претходно подготвениот желатин во смесата, но откога ќе се олади малку смесата, некои 15 минути подоцна.

ВАЖНО: Овој фил е потребно да биде малку млак кога ќе ја составувате тортата за да може убаво да се размачкува.

Пред филувањето, подгответе ја смесата за премачкување на корите:

250 гр. кисела павлака (20% масленост)

200 гр. чоколадо за готвење

Додатно:

100 гр. сечкани лешници

Спојте ги состојките во микро или на пареа да добиете хомогена смеса. Првата и третата кора премачкајте ги со оваа смеса.

Составување:

Кора (премачкана и посолена со 50 гр. сечкани лешници)

Чоколаден фил – целиот

Кора

Фил од малини -целиот

Кора (премачкана и посолена со 50 гр. сечкани лешници)

Филот со бело чоколадо- целиот

Покријте ја тортата со шлаг крем.

Декорација по желба.

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои повеќе од 12,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *