,,Чаробница" Торта- Вкусот е Навистина Магичен

,,Чаробница” Торта- Вкусот е Навистина Магичен

,,Чаробница” торта ќе ве освои со првиот залак и веднаш ќе се прашате: ,,Зошто не ја знаев оваа торта претходно?!”

И јас не ја знаев досега, но ми ја нарачаа за роденден и кога го прочитав рецептот, знаев дека ќе биде полн погодок. Сега имам уште една прекрасна торта која ќе биде на мојата листа на торти што ќе ги подготвувам често.

Има прекрасни кори кои можете да си ги подготвите со ореви или лешници за преубава арома и вкус (лешници мислам дека ќе создадат уште поубав вкус, јас користев ореви овој пат). Меки се и совршено се спојуваат со трите неодоливи фила.

Едниот фил е чоколадна фантазија, а другиот фил е кремаст, крцкав, и единствен. Се надополнуваат еден со друг совршено и вкусот не е воопшто ,,тежок” како што е често случајот со некои други торти. Третиот фил е хопла и додава на целото кремасто доживување.

Доколку сеуште не се одлучивте да ја подготвите, мислам дека фотографиите ќе го направат тоа за вас! А штом ќе ја пробате, ќе го имате истото прашање кое го имав јас: ,,Зошто не ја знаев оваа торта претходно?!”

,,Чаробница” Торта Рецепт

За корите (три вакви):

5 белки

Малку сол

7 лажици шеќер

5 лажици мелени ореви или лешници

1 лажица оцет

1 лажица брашно

1 лажица гриз

Малку прашок за печиво

Подготовка:

Се матата пенасто белките со солта.

Се додава шеќерот и оцетот. Се мати уште со миксер, да добиете густа смеса.

Додајте ги оревите, гризот, брашното, и прашокот за печиво. Изматете со лажица. Префрлате во тава 20×30 и печете околу 20 до 25 минути на 180 степени Ц.

Фил бр 1

1 литар млеко

10 лажици брашно

15 жолтки

10 лажици шеќер

200 гр чоколадо за готвење

1 путер или маргарин

4 кесички ванилин шеќер

Подготовка:

Измешајте ги сите состојки со маталка, освен путерот и чоколадото.

На тивко гответе да добиете густ крем, околу 5 до 10 минути. Додајте го путерот и мешајте да се растопи путерот. Веднаш оделете 1/3 од овој фил и нека се олади убаво.

Во останатиот фил додајте го чоколадото и изматете со миксер да се соедини убаво.

Покријте со стреч фолија и оладете на собна температура. Нека отстои во фрижидер 2 часа. Кога ќе го извадите, изматете го со миксер.

Фил бр 2

250 гр мелени ореви

200 мл млеко

Попарете ги оревите со врело млеко. Нека се олади смесата убаво и кога ќе се олади додајте ја 1/3 од претходниот фил. Изматете убаво со миксер.

Фил бр 3

400 гр хопла

Изматете ја хоплата по упатство, но не да биде прегуста.

За да ја составите тортата:

Кора

1/2 од Фил бр 1

1/2 од Фил бр 3

Кора

Фил бр 2 (целиот)

Кора

1/2 од Фил бр 1

1/2 од Фил бр 3

Јас ја покрив тортата со изматена хопла (+ 200 мл).

Декорација по желба.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 9600+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *