Мојата Чоколадна Фантазија: Роденденска Торта за Уживање

Мојата Чоколадна Фантазија: Роденденска Торта за Уживање

30 април беше преубав ден: недела, продолжен викенд, и мојот роденден!

Овој ден си го разубавив додатно со превкусна торта која ја немам правено досега. Резултатот беше совршен: вистинска чоколадна фантазија и прекремаста торта со преубава арома и вкус.

Јас ја направив во облик на круг, иако вие можете да си ја подготвите и во друг облик кој вам ви одговара.

Мислам дека е прекрасен избор за роденденска торта на вашите најмили, а посебно оние кои се љубители на чоколадни торти (зарем има некој кој не е?!). Подготовката не е прекомплицирана, па така не плашете се да си ја подготвите и ако немате многу искуство во правењето торти.

Единствено следете ги моите инструкции и се ќе оди како што треба. Доколку за нешто не сте сигурни во текот на подготовката, секогаш можете да ме контактирате преку вебсајтот во порака или на моите социјални мрежи (инстаграм, фејсбук, итн.).

А сега, доста зборување: време е да го ѕирнеме рецептот за оваа извонредна торта!

Чоколадна Фантазија Торта Рецепт

Потребно за корите (2 вакви):

5 цели јајца

5 лажици шеќер

3 лажици какао

2 лажици брашно

100 мл масло за јадење

Подготовка:

Се делат жолтките и белките од јајцата. Прво ги матите белките со шеќерот пенасто и додека не добиете цврст крем.

Додајте ги и жолтките и изматете убаво. Потоа, додајте го и маслото и кратко матете па додајте ги брашното и какаото (претходно просеани). Измешајте со лажица да се соедини смесата убаво.

Печете во тавче број 26 на 180 степени Ц околу 15 до 20 минути. Кога ќе се испече, ја пресекувате по ширина. Вкупно треба да имате четири кори.

За филот:

800 мл млеко

4 лажици шеќер

3 пудинга од чоколадо

200 гр путер

200 гр чоколадо за готвење

400 гр чоколаден крем (Еурокрем, Нутела, итн.)

Подготовка:

Млекото, шеќерот и пудингот ги матите со миксер. На тивок оган, гответе ја смесата додека не добиете густ крем. Во топлиот крем, додајте го чоколадото, путерот, и 4 кесички ванилин шеќер.

Измешајте со лажица да се истопат чоколадото и путерот и да се соединат состојките.

Покријте со стреч фолија и оставете да се олади на собна температура. Кога ќе се олади, префрлете го кремот во фрижидер. Нека отстои два часа и потоа изматете. Додајте го чоколадниот крем и изматете уште еднаш.

Поделете го филот на четири еднакви делови.

За составување:

Кора

Фил

Кора

Фил

Кора

Фил

Кора

Фил

За покривање на тортата:

300 гр хопла или течен шлаг

300 гр чоколадо за готвење

Подготовка:

Се загрева хоплата до вриење и тогаш се додава чоколадото. Мешајте постојано да се соединат состојките. Нека се олади на собна температура и потоа ставете го во фрижидер, да отстои преку ноќ.

Изматете со миксер пред користење.

Декорација по желба. На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои повеќе од 11,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *