Совршено кремаста, оваа чоко лешник торта е вистинско гурманско уживање за сите љубители на чоколадни десерти и десерти во кои преовладуваат чоколадо и лешници.
Меки и миризливи кори со лешници и бисквити ветуваат потполно уживање, а филот со чоколадо, путер и лешници ја дава идеалната текстура.



Топло ви ја препорачувам доколку сакате да експериментирате со домашни торти, а сепак сакате да преовладува чоколадото.
Подготовката не е претешка, па затоа оваа торта можат да ја подготват и оние со помалку искуство во правењето торти. Единствено што ви преостанува е да го следите мојот рецепт и да ни пишете како ви се допадна!
Чоко Лешник Торта Рецепт
Потребно за кората (3 вакви):
6 белки
6 лажици шеќер
1 лажица оцет
120 гр мелени лешници
1 лажица презла или мелени бисквити
1 лажица какао
Подготовка:
Се матат белките и шеќерот пенасто додека не добиете цврст крем. Додајте го оцетот па матете уште малку. На крај ги додавате лешниците, бисквитите и какаото и мешате со лажица.
Префрлете ја смесата во тава со димензии 40 x 35 и ги печете 15 до 20 минути на 180 степени Ц. Исечете ја кората на половина вертикално.
Вкупно треба да добиете шест кори.
За филот:
18 жолтки
200 гр шеќер
200 гр чоколадо за готвење
300 мл млеко
3 лажици брашно
2 лажици шеќер
200 гр путер
100 гр мелени лешници
4 кесички ванилин шеќер
Подготовка:
Жолтките и шеќерот се матат пенасто. Се готват на пареа или во микро. Во топлата смеса се додава чоколадото и се меша додека не се истопи чоколадото. Се остава на страна да се олади убаво.
Изматете го млекото, брашното и шеќерот и на тивок оган, гответе додека не добиете густ крем. Мешајте постојано. Покријте со стреч фолија и нека се олади на собна температура.
Посебно се мати путерот и се додава првиот чоколаден фил и вториот фил. Убаво матете неколку минути да се соедини кремот. На крај додајте ги мелените лешници и измешајте со лажица.
Поделете го филот на пет еднакви делови.
За составување на тортата:
Кора па фил, шестата кора не се покрива со фил. Покријте ја по желба со шлаг, чоколадо, путер крем, итн.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои повеќе од 11,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!