Ако сте расположени да пробате нешто различно во кујна, оваа баклава со ф’стаци е рецептот што ви недостасува!
Веќе ни се добро познати класичните и често подготвуваните баклави со ореви, чоколадо и слично, но има и многу други идеи за филови кои вреди да се испробаат.
Еден таков е дефинитивно оној со фил од сирови ф’стаци во кој ќе уживате. Но, можеби ќе треба малку да се ,,помачите” за да најдете несолени и непечени ф’стаци.
Јас ги најдов во една продавничка за јаткасти производи во Скопје, блиску до Ист Гејт. Ако ви требаат додатни информации, слободно пишете ми во порака и ќе ви дадам повеќе детали.
Но, да се вратиме на рецептот и на причината зошто треба да си ја испробате оваа баклава. Ориенталниот вкус и преубавата арома ќе ве освојат и сигурна сум дека ќе си ја подготвувате многу почесто.
Освен ф’стаците, има уште една преубава состојка која гарантира неодолив вкус. Ајде да го разгледаме рецептот заедно…


Баклава со Ф’стаци Рецепт
Прво го подготвувате шербетот и го оставате да се олади.Шербетот се нанесува ладен на топла баклава.
За шербетот:
750 гр вода
750 гр шеќер
2 кесички ванилин шеќер
кора од еден лимон
Сок од еден лимон
Подготовка:
Ги ставате водата и шеќерот да зовријат. Откако ќе зовријат, гответе уште 7 минути. Додајте ги лимонот и ванилата и ставете на страна да се олади убаво.
Потребно:
1/2 кг готови кори
300 гр мелени ф’стаци (непечени и несолени)
100 гр мелени бадеми
2 лажици презла
2 лажици шеќер
Подготовка:
Измешајте ги сите состојки за филот. Редите две кори и убаво нанесувате низ целата кора по две три лажици од филот. Се витка како ролат и ги префрлате во тавче.
Повторувате исто и со останатите кори.
Наредете ги во тавче за печење и ги сечете пред печење во зависност од големината на парчињата што ги сакате. Се попаруваат со 120 мл загреано масло пред печење. Печете 40 минути на 200 степени Ц.
Кога ќе ги извадите, ги поливате со оладениот шербет.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka, придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои повеќе од 11,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти и заследете ме на ТикТок (gotvimesojadranka) за интересни видеа!