Синоним за летно освежување: омилените ледени коцки! Овој десерт го знаеме сите многу добро затоа што многу од нас го подготвуваат често, особено во летниот период.
Сите го обожаваат, од најмладите до највозрасните и секогаш ќе измами убава насмевка.
Највкусен за мене е кога ќе отстои во фрижидер после подготовката и ќе ве освежи во вистинскиот момент. Овој десерт се прави со едноставни состојки, а добивате извонредни вкус и арома.
Подгответе си ги уште еднаш и ќе се уверите повторно зошто овој десерт важи за еден од омилените!



Ледени Коцки, Омилениот Летен Десерт Рецепт
Потребно ви е:
6 јајца, одделени белките и жолтките
6 лажици шеќер
6 лажици брашно
6 жолтки
2 лажици какао
За шербетот:
300 гр шеќер
350 гр вода
Подготовка:
Изматете ги белките со шеќерот да добиете хомогена смеса. Додајте ги брашното, жолтките, и какаото. Измешајте убаво и префрлете ја смесата во тавче 35×25.
Печете на 200 степени Ц, 15 минути.
За тоа време, спремете го шербетот. Водата врие 4 минути со шеќерот и потоа се трга на страна. Нека се олади малку, а долниот слој што се печеше нека се олади убаво.
Го попарувате слојот со шербетот директно во тавчето и тука продолжувате со филувањето.
За филот ви е потребно:
800 мл млеко
200 гр шеќер
5 лажици густин
5 лажици брашно
200 мл млеко
1 коцка маргарин
3 кесички ванилин шеќер
Подготовка:
Ставете ги млекото и шеќерот да вријат. Кога ќе почне да врие смесата, додајте ги претходно изматените густин, брашно, и млеко. Мешајте да добиете кремаст фил.
Тргнете на страна и нека се олади убаво. Покријте го со стреч фолија.
Кога е целосно оладен кремот, додајте го претходно убаво изматениот маргарин заедно со ванилиниот шеќер. Соединете ги состојките да добиете хомогена смеса.
Нанесете го филот врз долниот слој. Потоа ја нанесувате и чоколадната глазура.
За чоколадната глазура:
100 гр чоколадо
80 мл масло
Подготовка:
Стопете ги состојките на пареа или во микро и полијте ја низ целиот колач.
Ставете во фрижидер да отстои неколку часа и сечете по желба.
Јас го сервирав колачот со слатко од јагоди!
Уживајте…
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои повеќе од 10,500 членови!