За роденденот на мојата помала ќерка вчера, решив да ја изненадам со една прекрасна тоблероне торта. Рецептот решив да го споделам и овде затоа што мислам дека немам пробано покремаста торта!
Лешниците се одлични во целата комбинација, а трите филови ќе ве натераат да барате парче плус. Со оваа торта нема да погрешите и ќе го направите секој посебен момент уште понезаборавен.



Со оваа торта можете да си експериментирате и слободно да користите некое друго вашо омилено бело чоколадо наместо тоблероне или пак да вклучите ореви наместо лешници доколку ова е вашиот избор.
Како и да одлучите, оваа торта ќе ве воодушеви, тоа сум сигурна.
И да, среќен роденден, Кристина!
Тоблероне Торта
Потребно за корите (4 вакви):
5 белки
6 лажици шеќер
50 гр мелени и печени лешници
1 лажица бисквити
1 лажица брашно
1 лажица оцет
Малку прашок за печиво
Подготовка:
Се матат пенасто белките и се додава шеќерот и оцетот. Продолжувате да матите со миксер, да добиете густ крем. Ги додавате и останатите состојки и промешувате со лажица.
Се префрла во тавче бр. 26 и се пече на 180, околу 20 до 25 минути.
Фил број 1
800 мл млеко
20 жолтки
8 лажици брашно
10 лажици шеќер
4 кесички ванилин шеќер
Останато:
200 гр путер/маргарин
200 гр тоблероне бела чоколада
Подготовка:
Сите состојки се ставаат на многу тивок оган да се готват. Треба да добиете густ крем, потребно е околу 20 минути.
Во топлиот фил, додадете го путерот. Измешајте убаво за да се растопи се убаво и да се соедини кремот. Од овој крем, одделете 1/3, а во 2/3 додајте го тоблеронето.
Покријте ги и двата фила со стреч фолија и нека се ладат на собна температура.
Кога ќе се оладат, префрлете ги во фрижидер да отстојат 2 часа. Кога ќе го извадите, изматете ги со миксер.
Фил број 2
Потребно ви е:
250 гр мелени печени лешници
200 мл млеко топло
1/3 од Фил број 1
Подготовка:
Попарете ги лешниците со млекото и нека се олади убаво. Потоа соединувате со 1/3 од филот.
Фил број 3
Потребно ви е:
300 мл слатка павлака
Подготовка:
Изматете според упатство.
Ако е многу густа, може да се додаде малку млеко. Ако е прегуста, филовите ќе се одвојуваат.
За да ја составите:
Kора
½ од Фил број 1
½ од Фил број 3
Кора
Фил број 2
Кора
½ од Фил број 1
½ од Фил број 3
Кора
Декорација по желба. За да ја покријам тортата, јас користев две шлаг креми изматени по упатство.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 10,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!