Оваа вкусно Турско пита лепче (Tirnak Pide) ќе го препознаете по уникатните вдлабнатини кои се прават со прстите.
Во Турската кујна, ова лепче има и духовна вредност, не само кулинарна. Всушност, прочитав дека ваквите лепчиња се неизоставен дел од Ифтар вечерите на оние кои постат за време на Рамазан.



Без разлика кога и како ќе одлучите да го подготвите, нема да можете да му одолеете на вкусот и ќе се прашувате зошто не сте го знаеле рецептот порано.
Може да се јаде самостојно или во комбинација со месо и зеленчук. Толку е меко и миризливо самото тесто и сум сигурна дека ќе стане редовен дел од вашата трпеза. Одлично е во комбинација со јогурт или ајран.
Ќе уживате и во подготовката и во вкусот! Вкусен појадок или неодолив ручек-вие бирате!
Турско Пита Лепче Рецепт
За тестото:
300 мл млако млеко
100 мл млака вода
25 гр свеж квасец
50 мл масло
Лажичка шеќер
Лажичка сол
Брашно, околу 650 гр
Останати состојки:
Едно јајце
3 лажици млеко
3 лажици масло
Сусам и други семки по желба
Подготовкa:
Во млекото и водата, додајте ги шеќерот, квасецот, солта, и маслото. Измешајте и потоа постепено додавајте го брашното и замесете тесто кое не е лепливо. Поделете го на четири или осум делови, зависно од која големина сакате да бидат лепчињата.
Обликувајте ги круговите па потоа покријте ги со крпа и нека отстојат да нараснат. Потоа, секое од корите ја израмнувате малку, а потоа ги префрлате во тавче за печење.
Оставете ги уште 15 минути да нараснат.
Во меѓувреме, изматете го јајцето и измешајте го со млекото и маслото. Премачкајте го секое парче со оваа смеса. Со прстите, направете вдлабнатина од страните, а потоа хоризонтални и вертикални линии во средината.
Ставете од вашите омилени семки и печете на 220 степени Ц, околу 20 минути или додека не поруменат.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 10,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!