На многу од нас, чизкејк ни е омилен десерт или барем во топ 3, нели?
Ако и вие сте љубител на овој лесен и вкусен десерт, топло ви го препорачувам да си го запишете најубавиот рецепт за чизкејк што ќе го споделам со вас.
Зошто Чизкејк е Одличен Десерт Што Секој Треба да го Знае?
Јас имам неколку причини зошто го подготвувам често. Првата е тоа што е превкусен, втората е тоа што опциите за вкусови се многубројни (чоколадо, овошје, нутела, манго, итн.) и третата е лесната подготовка.
Дури и да не поминувате многу време во кујна, ќе можете да си го подготвите со леснотија. Чизкејкот е совршен десерт заради својата неутралност која ќе им се допадне на луѓе со различни вкусови.
И, воопшто не е тежок за јадење што го прави совршен за летниот период. Лесен и сочен, чизкејкот брзо станува десертот што сите ќе го бараат!
Ако сакате и вие да ги изненадите вашите најмили, пробајте го мојот рецепт! Ако уште не ве убедив, само погледнете како изгледа:
Најубавиот Рецепт за Чизкејк
За подлогата:
300 гр. мелени бисквити
100 гр. маргарин
150 гр. сок од портокал (газиран)
Подготовка:
Спојте ги состојките да добиете хомогена смеса. Ставете ја во тавче со обрач и притиснете убаво да се распореди еднакво.
За белиот крем:
400 гр Маскарпоне сирење
150 гр. шеќер во прав
250 гр. изматена слатка павлака
150 гр. кисела павлака
1 кесичка желатин
50 мл. вода
Подготовка:
Изматете го маскарпонето и шеќерот во прав околу 2, 3 минути со миксер. Додајте ја изматената слатка павлака и киселата павлака.
Додајте го и желатинот претходно отстоен во 50 мл вода (загреан на тивко на рингла или во микро).
Го нанесувате овој слој преку подлогата и го измазнувате. Ставете во фрижидер да се лади 2 часа.
За овошниот крем:
300 гр овошје по избор
300 мл вода
1 кесичка желатин (претходно отстоен во 100 мл вода)
Подготовка:
Изблендирајте го овошјето со 300 мл вода. Ставете го на тивко да врие околу 5 до 6 минути. Тргнете на страна и додајте го желатинот.
Извадете го чизкејкот од фрижидер и покријте го со овошниот фил.
Вратете го пак во фрижидер, најдобро да отстои 24 часа или преку ноќ. Наредниот ден си го вадите обрачот и сечете по желба!
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 8000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!