Булочки е името на едно преубаво и превкусно Руско печиво кое го правев неодамна и често се навраќам на рецептот и заради вкусот и заради изгледот.
Уникатниот начин на обликување на тестото го прави нивниот изглед мошне интересен.
Фотогенични и многу многу вкусни, секогаш се добра идеја за било кое време во денот-можат да бидат со солен или со благ фил, и со двата се извонредни и ви овозможува да ги задоволите сите вкусови на вашите најблиски.
Иако ви треба еден до два часа за подготовка, кога ќе ги видите испечени и кога ќе ги пробате, сфаќате дека вредело!
Ако сеуште не ве убедив да си ги пробате, само погледнете ги како изгледаат:
Булочки, Руско Печиво Рецепт
За тестото:
250 мл топло млеко
250 мл топла вoдa
25 гр свеж квасец
8 гр сув квасец
1 лажичка сол
3 лажички шеќер
1 јајце
1 белка од јајце
850 гр брашно
За премачкување на тестото:
150 мл путер или маргарин
+ 1 жолтка изматена со малку млеко (за одозгора)
сусам
мешавина од семки
Опции за фил:
Сирење, кашкавал или
Крем, мармалад
Подготовка:
Измешајте ги сувите состојки. Направете мала дупка во средина и додајте ги во неа изматеното јајце, вода, белка и млекото.
Со рацете, измешајте ги состојките убаво и почнете да го месите тестото околу 1 до 2 минути. Оставете го да одмори. Потоа, месете го уште 10 минути или додека не престане да се лепи на рацете. Покријте го и нека одмори 1 час.
Потоа, поделете го на 20 парчиња. Секое парче премесете го малку во рацете и направете топка. Оставете ги да се надигнат малку и потоа го размесувате секое во големина на тацна за кафе.
Ги редите едно врз друго, (10 +10) премачкувајќи го секое со путер или маргарин. Последното не се премачкува. Покријте со стреч фолија и ставете во фрижидер да отстојат 30 минути.
Потоа, ги расукувате тестата да направите една потенка, поголема кора. Ја затворате како ролат и сечете на 10 парчиња.
Од секое, правите вдлабнатина во средина, како на видеото подолу. Го полните со посакуваниот фил (јас користев рендан кашкавал) и затворате, спојувајќи го тестото и превртувајќи ги за да затворениот дел биде долу.
Печете во тавче на хартија, 30 минути на 200 степени Ц.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 7200+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!