Навистина е Медена: Фантастичната Медена Торта (Руски Медовик)

Навистина е Медена: Фантастичната Медена Торта (Руски Медовик)

Медена торта, позната како Руски медовик, е од оние торти за кои нема кој не слушнал или кој не ја пробал.

Кај нас на балканот се прави со години и е всушност една од првите торти кои јас лично ги имам направено.

Овој рецепт кој ќе го споделам со вас е точно онака како што го имам запишано во мојата книга со рецепти. Едноставна, мека, и неодоливо блага, медената торта ретко кому не му се допаѓа.

Богата со мед, тортата е баш мека, а листовите се совршена комбинација со филот, па затоа и пресекот е извонреден. Навистина е една од пофотогеничните торти!

Одлична е и дури после неколку денови во фрижидер и не остава никого рамнодушен, па затоа може да ви биде одлична роденденска торта или за секаков друг вид на прослава.

Магична, со вкус кој не се заборава, ќе ги одушеви сите-иако корите бараат да им се посветите малку повеќе, навистина остава супер впечаток и секогаш ќе и се враќате кога барате супер десерт.

Медена Торта Рецепт

За корите:

3 лажици мед

125 гр путер

2 лажици шеќер

Подготовка:

Состојките се мешаат и се топат на тивок оган. Се трга на страна да се олади малку. Посебно се матат:

3 јајца

Додајте ги на смесата.

Замесете ја смесата со 500 гр брашно и 1/2 лажица сода бикарбона или прашок за печиво. Оставете го тестото во фрижидер 1 час.

Поделете ја смесата на 9 еднакви делови. Од секој дел, треба да исукате кора во големина на тавче бр 24.

Печете ги на хартија на превртена тава. Печете ја 6 до 7 минути секоја, на 180 степени Ц-важно е да не се препечат затоа што ќе бидат претврди.

Пред филување, ако се нерамни краевите, израмнете со ножички или со нож. Сочувајте ги овие исечоци за декорацијата. Смелете ги во блендер.

За филот:

600 гр млеко

200 гр шеќер

Ставете да зоврие.

Додајте изматени 200 гр млеко и 8 лажици брашно. Гответе да добиете густ крем. Тргнете на страна и покријте со стреч фолија да се олади.

Кога ќе се олади, додајте:

200 гр изматен путер

4 кесички ванилин шеќер

По желба може да се додаде 100 гр мелени ореви или лешници.

Соединете се убаво и ги мачкате корите со филот и редите една врз друга.

Се премачкува и целата торта со истиот фил. Одозгора користете ги изблендираните кори за декорација, а можете и мелени ореви. Или нешто друго по ваш избор.

Најубаво е да отстои барем 48 часа па тогаш да се сече-повкусна ќе и полесно ќе се сече.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 6500+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *