Ако сте љубител на пици, ќе ја обожавате и оваа фокача без месење. Мислам дека рецептов секој треба да го има!
Се прави брзо, прекрасно мириса и оди супер со разни јадења.
Исто така е супер избор ако сакате да го исполните домот со убавиот мирис на свежо печен леб, но не сте расположени за многу месење и премесување.
Навистина, ова фокача бара од вас минимални вештини во кујната за да ви излезе преубава!
Зошто Секој Треба да го Знае Рецептот за Фокача?
Може да биде совршен појадок, ручек или вечера, зависно од вашето расположение. Оди супер со свежи салати, чаша јогурт, печен зеленчук, итн.
Вкусот е уникатен, благодарение на лукчето и рузмаринот, но и останатите состојки кои ги користев. Вие можете и да си додадете/одземете состојки и да си ја направите по ваш вкус.
Сите дома ќе ја обожават, од најмалите до највозрасните. Затоа, изненадете ги и направете им го денот поубав сервирајќи им ја оваа мека и воздушеста фокача со маслинки, рузмарин и лукче…
Фокача со Маслинки, Рузмарин и Лукче Рецепт
За тестото:
500 гр брашно (јас користев ржано и црно т.850), вие можете да си бирате
350 мл млака вода
1/2 коцка квасец
50 мл маслиново масло
1 лажица шеќер
1 лажичка сол
Подготовка:
Направете меко и лепливо тесто од состојките. Нека одмори 40 минути.
Потоа, намрсете ги рацете и префрлете го во тавче со хартија и распоредете го убаво.
Формирајте погача и напрскајте ја маслиново масло.
Наредете ги избраните состојки, притискајќи ги нежно и кратко во тестото.
Јас користев:
100 гр сецкани маслинки
100 гр сецкани домати или шери домати
Лукче во прав
Рузмарин
Крупна сол
Босилек
Нека отстои вака 15 минути па печете околу 30 минути на 200 степени Ц.
Ако ја сервирате топла, еве една вкусна идеја за премаз.
Истопете околу 4 лажици путер и измешајте го со 2, 3 изрендани чешниња лук. Гответе ги кратко да го тостирате лукот.
Потоа, премачкајте ја фокачата одозгора со смесата.
Сечете и уживајте!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 5600 членови кои споделуваат извонредни рецепти!