Највкусниот Божиќен Колач Штолен со Суво Овошје

Највкусниот Божиќен Колач Штолен со Суво Овошје

Со историја подолга од 700 години, колачот Штолен со суво овошје е еден од најпознатите десерти што најчесто се подготвува за време на Божиќните празници во Германија.

Штолен (stollen) е мека и сочна блага торта која изобилува со прекрасен вкус и мирис поради мешавината од суво овошје што се додава и зачините кои можат да се користат.

Но, овој колач е познато обележје за празничната атмосфера во многу делови во светот, не само во Германија.

Всушност, и кај нас се подготвува се почесто и почесто и морам да признаам дека и мене ми е еден од најoмилените колачи за подготовка.

Каков Колач е Штолен и Зошто е Супер Идеја?

Овој колач што се нарекува Christstollen во Германија е леб со квасец кој се пече заедно со суво и кандирано овошје и може да се додаваат и разни зачини и јаткасти плодови.

Иако можете да си го декорирате на разни начини, една од најпопуларните е со шеќер во прав за кој велат дека потсетува на снежните планински врвови во Германија.

Еве неколку причини зошто е супер десерт што треба да си го подготвите уште денес:

  • лесно се прави, па е совршен и за помалку искусните во кујна
  • опциите за филот внатре се многубројни (јаткасти плодови, суво овошје, кандирано овошје, разни зачини, итн.)
  • има разни начини за декорација, оној со шеќер во прав не е единствениот
  • оди супер со шолја кафе или чај
  • одличен појадок е, вечера или пак ужина
  • премек е и премиризлив
  • тестото не е воопшто суво како што е случајот со некои други благи торти-напротив, пресочно е!

Иако го имам подготвувано и со разни суви овошја и кандирано овошје, овој пат, за Божиќ го подготвив со суво грозје. Излезе супер, а подолу можете да го погледнете рецептот!

Германски Божиќен Колач Штолен Рецепт

Потребно ви е:

250 гр суво грозје

сок од половина портокал

сок од половина лимон

25 мл рум

Подготовка:

Потопете го грозјето во течните состојки и оставете го да отстои 24 часа.

Наредниот ден, подгответе тесто од следниве состојки:

500 гр брашно

150 гр маргарин, растопен

250 мл топло млеко

1 коцка квасец

100 гр шеќер

Малку сол

Сок од половина лимон

сок од половина портокал

Кога ќе направите меко и мазно тесто, оставете го да отстои 40 минути.

Потоа, размесете го да биде доста меко и направете кора.

Исцедете го сувото грозје кое стоеше во соковите. Распоредете го врз кората. Додајте и:

100 гр кандирана кора од портокал

100 гр кандирана кора од лимон

Потоа, измесете го уште еднаш заедно со состојките и оставете го 10 минути да отстои.

Потоа, расукајте правоаголна кора и мотајте како ролат-одоздола нагоре.

Префрлете на тавче и оставете го 30 минути пред да го ставите да се пече на 150 степени Ц, 60 минути.

Кога ќе го извадите од рерна, премачкајте го со претходно растопен путер.

Декорирајте по желба.

Екстра совет:

Колачот ќе биде уште повкусен ако го сечете и сервирате ден потоа.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 5000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *