Италијанските бомболини (bomboloni или bombolini) се една интересна и превкусна верзија на добро познатите, стандардни крофни.
Разликата е во нивната големина-овие се помали, залак топчиња-вистински калорични бомбички.
Интересното име на овие крофни е поврзано со зборот бомба-ваквото тесто во некои делови во Италија се вика bombe.
Морав да ви признаам дека ги правев првпат и навистина ми се допаѓа како изгледаат и колку се вкусни, сочни и лесни! Често ги правам стандардните крофни што се поголеми и се обично со празнина внатре.
Бомболините се вообичаено полни со тесто внатре, иако вие можете да си додадете уште нешто после пржење, на пример, течна чоколада, крем или некој друг фил.
Иако најчесто се поврзуваат со Тоскана, тие се традиционални и во други делови на земјата, со неколку верзии на рецептот.
За декорација одзгора, секогаш ми е супер класичната идеја да се користи прав во шеќер, иако вие можете да си изберете што сакате.
Како што и можете да видите од моите слики, јас користев шеќер во прав и ги прелив со течна чоколада.
Бомболини- Италијански Крофни
За тестото, потребно ви е:
400 грама брашно
200 мл. млако млеко
6 лажици шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
1 кесичка пециво
2 лажици ракија
1 јајце
2 жолтки
100 грама истопен маргарин или путер
малку сол
1 кесичка сув квасец
Масло за готвење
Подготовка:
Во млакото млеко, додајте го шеќерот и квасецот. Оставете ги така околу 5 минути.
Потоа, изматете едно јајце и 2те жолтки, заедно со стопениот маргарин или путер.
Додајте го брашното и ванилиниот шеќер. Замесете тесто од состојките и додадете малку брашно.
Покријте ја смесата со прозирна фолија или крпа и оставете ја еден час на собна температура за да се подигне тестото.
Потоа, на набрашнета површина, префрлете го тестото и размесете го убаво, околу 1.5 цм дебелина. Направете калапи со чаша за ракија .Оставете ги да нараснат околу 20 до 30 минути, Во меѓувреме, загрејте го маслото за пржење.
Температурата мора да е малку појака, но сепак не премногу. Мора да почекате маслото да е доволно загреано за да крофните го задржат својот облик.
Ставете ги во маслото и тие сами ќе се превртат кога се готови или превртете ги вие да бидат со иста боја од двете страни- жолто златни. Вадете ги на хартија за да се исцеди вишокот масло.
Пред сервирање, наросете ги со шеќер во прав и течна чоколада.
Можете и да ги наполните со мармалад или крем.
Уживајте!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 6000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!